Навивачите на Ливерпул удрија по УЕФА: Срамота е што го одбравте Киев за домаќин на финалето!

Одлуката на Европската фудбалска унија (УЕФА) од минатата година финалето во оваа сезона во Лигата на шампионите да се игра на Олимпиоскиот стадион во Киев наиде на голем отпор во моментов кај навивачите на Ливерпул, кои бараат објаснување од чиновниците во Нион за таквата одлука.

Ливерпул ќе се соочи со Реал Мадрид во завршната пресметка за „големите уши“ на 26 мај како реприза на финалето од 1981 година, но навивачите на „црвените“ се гневни поради лошата конекција со авионслите линии за да стигнат до украинската престолнина, но и поради неверојатно големата алчност на домаќините, кои ставија неверојатни цени за ноќевања по хотелите.

Иако жителите на Киев понудија бесплатно сместување за гостите за финалето, сепак цените од 2.000 па до 10.000 долари за ноќевање во хотелите ја прелија чашата, а патем и авионските линии и цените на тие билети се „солени“ дури за најголемите фудбалски фанатици од Островот.

„Ова покажува дека нешто во фудбалот навистина е лошо, скршено, штом вака се третира едно финале. Одлуката да се игра финале на локација на која тешко се стига и е неверојатно скапа сега треба да биде објаснето од сите тие што ја донеле истата одлука“, велат од здружението на навивачи на Ливерпул.

Поранешниот прв човек на здружението, Рој Еванс ја нападна УЕФА и поради малиот контингент на влезници за навивачите на двата финалисти, по 16.000 за Ливерпул и Реал Мадрид од 63.000 билети за полниот капацитет на Олимпискиот стадион во Киев. Според него, сите други влезници се „корпоративни пакети“ од кои УЕФА дебело заработува.

„Кога УЕФА стана официјален 'тапкарош', криејќи ги влезниците со пакети? Скандалозни цени. Фудбалот е за сите. А, само 16.000 од двата тима ќе може да добијат нормални влезници. Останатите – само корпоративни билети. Срамота!“, објавил Еванс.