Мотивациско писмо на Спинацола: Вечерва сите заедно ќе спринтаме кон – пехарот!

Леонардо Спинацола извонредниот фул-бек на Италија, кој беше малерозен да ја скине ахиловата тетива поради која ќе го пропушти вечерашното големо финале на Европското првенство, со мотивациско и емотивно писмо, до врв го крева моралот кај „аѕурите“ во обидот преку домаќинот Англија да се стигне до првата европска титула по пауза од 53 години.

Спинацола нема да може да им помогне на другарите, но ќе биде со нив и ќе навива од трибините, а тимскиот дух и заедништвото во селекцијата треба да бидат адутот повеќе на четата на Роберто Манчини за да се стигне до првиот голем трофеј после 2006 година, кога Италија стана по четврти пат светски првак.

Целото писмо ви го пренесуваме во целост.

„Пред нас е последната битка. Кога би можел да го вратам времето, сѐ исто ќе направев. Пак ќе спринтав за таа топка, ќе го направев уште сто пати во обид да освојам метар повеќе на противничката половина и да го свртам мечот во наша корист. Тоа не е ништо изненадувачки. Тоа се законите на 'аѕурите'.

Ги поместувате границите тогаш кога сте спремни да ја понудите својата душа на соиграчите. Повредата ме оддалечи од теренот, ама не ме раздвои од тимот. Мојот син Матија, кој има само три години разбира зошто татко му нема да го гледа мечот од куќниот тросед.

Возбуден сум и не можам тоа да го скријам. Кога влегов во авион се почувствував како пак да сум се родил. За неколку часа пак ќе бидам со соиграчите на теренот, а потоа на трибините со моите сонародници.

Можеше да биде подобро, ама можеше и полошо. Пред нас е последната битка на турнирот кој засекогаш ќе го носам во себе. Поминавме голем пат од магичните ноќи на 'Олимпико' до храмот на фудбалот и пресметката со домаќинот. Во мојот случај судбината додаде уште неколку километри патувања, преку стазата на страдање во Финска поради повредата на ахиловата тетива.

Сега сум подготвен. Чувствувам дека имам уште многу што да дадам. Ќе се вратам за неколку месеци, ама сакам да мислам дека вечерва сите заедно ќе спринтаме. Си замислувам како Брајан Кристанте, првиот соиграч кој ме тешеше после повредата, како крева во раце нешто многу повредно и позначајно од мојата глава.

Напред 'аѕури'“, напиша Спинацола