Моќна Италија: „Аѕурите“ ја торпедираа и Швајцарија (ВИДЕО)

Италија обезбеди место во втората фаза на Европското првенство (ЕП) откако вечерва одигра доминантен натпревар на „Олимпико“ и славеше против Швајцарија со 3-0.

Избраниците на Роберто Манчини постигнаа гол по само 19 минути игра, но погодокот на Џорџо Кјелини беше понитешн поради игра со рака. Сепак, не помина многу време пред Марио Локатели да го матира Јан Зомер за 1-0, по одличната акција на „аѕурите“.

Локатели во 52. минута ја зголеми предноста на Италија на 2-0 со прекрасниот удар од голема далечина, при што голманот на ривалот не успеа ниту да се помести.

Швајцарците имаа неколку можности да постигнат гол, иако играа многу лошо, но една од нив не ја искористи Џердан Шакири кога испрати удар далеку над голот, по што казната стигна на спротивната страна во 89. минута преку Чиро Имобиле.

Италија по два одиграни меча се наоѓа на првата позиција со шест бодови, по што следи Велс со четири, додека трета е Швајцарија со еден бод, а Турција нема ниту еден.