Милан остана во игра за нокаут-фаза, Манчестер сити го совлада ПСЖ (ВИДЕО)

Вечерва беа одиграни и останатите натпревари од петтото коло во Лигата на шампиони (ЛШ), по што беа познати уште неколку екипи кои ќе дочекаат европска пролет. Милан остана во игра за нокаут-фаза откако славеше против Атлетико Мадрид со 1-0, додека Манчестер сити го реши ПСЖ со 2-1.

По првото полувреме во кое мируваа мрежите меѓу Манчестер сити и ПСЖ до водство први стигнаа гостите од Париз преку Килијан Мбапе, откако на него му асистираше Лионел Меси.

Голот на Мбапе го вклучи алармот кај „граѓаните“ кои го диктираа ритамот до крајот на дуелот и најпрво преку Рахим Стрелинг израмнија на 1-1, а потоа Габриел Жесус стрелаше за победа од 2-1.

Милан освои огромни три бода на гостувањето во Мадрид, откако играше подобро во текот на целиот натпревар, а голот за славје го постигна дури во 87. минута.

„Росонерите“ имаа неколку добри шанси, но мрежите мируваа во првото полувреме. Додека во вториот дел Де Пол се закани, но неговиот удар го одбрани Татарусану, по што Ибрахимовиќ на спротивната страна имаше голема шанса, но Облак беше на висина на задачата.

Херој на Милан е Жуниор Месиас кој во 87. минута ја затресе мрежата на Атлетико, а само две минути подоцна Бенасер имаше нова голема шанса, но домаќините се спасија и не примија втор гол.

Ливерпул продолжи да гази во елитното натпреварување, откако го запиша петтиот триумф, и тоа против Порто со 2-0.

Садио Мане стрелаше во првиот дел, но голот му беше поништен поради офсајд, по што резултатот го отвори Тијаго Алкантара во 52. минута, а на 2-0 зголеми Мохамед Салах.

Резултати:

Клуб Бриж – Лајпциг 0-5
Шериф Тираспол – Реал Мадрид 0-3
Спортинг Лисабон – Борусија Дортмунд 3-1