Меч на сезоната за титаните: Има ли Баерн сила за да го урне „кралот“?

Вториот чин од „судирот на титаните“ на двата најтрофејни клубови во Шпанија и Германија, Реал Мадрид и Баерн Минхен, вечерва (20.45 часот) ќе го даде првиот финалист во оваа сезона во Лигата на шампионите во мечот на годината за двата тима.

Најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид по победата среде Минхен со 2-1 има „златна шанса“ за да го продолжи историскиот поход кон хет-трик на титули, нешто што се нема случено во најсилното европско натпреварување, уште од 70-те години од минатиот век, па четата на Зинедин Зидан ќе треба да го искористи домашниот терен на „Сантјаго Бернабеу“ за да го завери четвртото финале во последните пет години.

Но, колку и да е Реал фаворит и да има предност од првиот меч како гости, приказната за финалето допрва ќе зоврие, затоа што Баерн Минхен најмалку е тим што треба да се потцени, а уште повеќе „кралевите“ сезонава покажаа многу повеќе слабости како домаќини, отколку како гости. Затоа и се очекува спектакл на „финалето пред финале“ и неизвесност до самиот финиш.

„Ова е полуфинале, знаеме колку е значајно, што носи и што треба да направиме. Нема да го менуваме начинот на игра, ние треба да покажеме дека заслужуваме и сакаме да одиме во финале. Што и да се случи, морам да кажам дека ние сме тим и ќе направиме сè за да ја оствариме целта. Клучот за нас, а тоа е нешто што мора да го направиме е да размислуваме само на победа и да излеземе на терен да го оствариме тоа. Ни треба брз гол и тоа ќе се обидеме да го направиме“, вели Зинедин Зидан, тренерот на мадриѓаните.

Реал Мадрид вечерва ќе биде без Иско и Карвахал, кои беша стартери на првиот меч, но Зидан има помалку проблеми во однос на Јуп Хајкенс околу составувањето на тимот, затоа што францускиот тренер ги има Карим Бензема и Герет Бејл како адути плус во нападот. За разлика од него, Хајнкенс има мака затоа што го загуби првиот стопер Џером Боатенг, како и холандскиот ветеран Арјен Робен и нема да може да смета на нив за овој клучен дуел.

„Ќе се обидеме да ги корегираме грешките, да нападнеме и во ДНА-та на Баерн е да дадеме гол(ови). Мора да бидеме многу поефикасни во однос на првиот меч и треба да ги искористиме шансите што ќе ги направиме. Во Мадрид знаат дека ова е меч на годината и дека ќе треба да бидат извонредни. Малку детали ќе бидат клучни, затоа што за 93 минути ќе треба концентрацијата да биде на највисоко ниво и вклучени во мечот“, вели Хајкенс.

Ако Баерн Минхен веќе освои нова шампионска титула, доминантно во Германија, а е на чекор и до куп-трофејот, за Реал Мадрид трофејот во ЛШ е единствена опција за спас на сезоната. Но, за Баварците ова е шанса да покажат дека вредноста на тимот е многу поголема од домашни рамки и нивната недопирливост на бундеслигашките терени. Баварците последен пат беа европски прваци во 2013 година, додека Реал има три титули во послендите четири години и доминира на европската сцена

Судија на мечот е турскиот арбитар Џунејт Чакир.