Македонските фудбалери вечерва во акција во европските купови

Македонските интернационалци вечерва ги очекува нов предизвик во петтото коло од Лига Европа и Конференциската лига. Мартин Мирчевски заедно со ТСЦ Бачка Топола ќе го пречека Вест хем, Бојан Миовски со Абердин гостува кај ХЈК Хелсинки, додека Динамо Загреб на Стефан Ристовски и Аријан Адеми ќе се пресмета со Астана.

ТСЦ Бачка Топола има освоено само еден бод по четири одиграни кола и тоа е премалку за да се вклучи во трката за позициите кои обезбедуваат европска пролет. Сепак, екипата на Мирчевски би можела да се бори за третата позиција со Олимпијакос доколку вечерва сензационално го урне премиерлигашот во Србија. Првиот меч меѓу овие екипи заврши со триумф на екипата од Лондон со 3-1.

Вест хем е прв во групата А со девет бодови и подобра гол-разлика од Фрајбург, по што следи Олимпијакос на третата позиција со четири бода, додека ТСЦ Бачка Топола е последна со еден освоен бод.

Динамо Загреб тргна со триумф во Конференциската лига, но потоа врза дури три порази по ред и сега се наоѓа на последната позиција на табелата со три бодови. Сепак, денеска има можност да остане во игра за втората позиција доколку успее да ја совлада Астана, која ја прегази на првиот меѓусебен дуел со 5-1.

На Ристовски и Адеми им одговара и реми, но таа ситуација е покомплицирана бидејќи во таков случај мора да очекуваат неуспех на Балкани против Викторија Плзен, а потоа во последното коло да победат и повторно да се надеваат на „милост“ од ривалите.

Викторија Плзен е прва во групата Ц со 12 бодови и обезбеден пласман во осминафинале на Конференциската лига, по што следат Астана и Балкани со по четири бода, додека Динамо има три бодови.

Абердин сè уште не знае за победа во групата Г, но вечерва оди во Финска со надеж да го почувствува вкусот на триумфот, иако тој нема да им помогне во борбата за првите две места во групата Г кои веќе се резервирани за ПАОК и Ајнтрахт Франкфурт.

Македонскиот напаѓач Миовски досега постигна два гола и една асистенција за Абердин, а сигурно вечерва ќе сака да го подобри тоа во мечот против последнопласираната екипа во групата Г.