Луис Енрике ќе се врати на кормилото на Шпанија за Евро 2020

Поранешниот репрезентативец на Шпанија и тренер на Барселона, Луис Енрике поради смрт на својата ќерка ја напушти клупата на „црвената фурија“, но веројатно ќе се врати на селекторската позиција за Евро 2020 низ Европа, најавија шпански медиуми.

Енрике во јуни годинава ја напушти селекторската позиција поради тешка болест на својата ќерка, која во август трагично почина, па неговото место го зазема неговиот помошник Роберто Морено. Во изминативе неколку дена беше поврзуван со клупата на низа клубови, но очигледно тој има поинакви планови.

Под палката на Морено, Шпанија запиша шест победи и две ремија и како првопласирана обезбеди настап на ЕП, а сега Енрике би требало да се врати според објавата на „Кадена Копе“ пред стартот на континенталниот собир. Морено му беше помошник на Енрике во Селта, Рома и Барселона, а сега наводно со две раце ќе прифати повторно да му биде помошник иако веќе три месеци е селектор на „фуријата“.