Лудница во Солун: ПАОК го шокира фаворитот и е на чекор до место во ЛШ!

Грчки ПАОК се пласира во плејоф-фазата за пласман во групниот дел од Лигата на шампионите, откако вечерва, со фантастична игра во второто полувреме, ја совлада фаворизираната Бенфика (2-1).

Трибините на популарната „Тумба“ беа празни, но големиот триумф се славеше околу стадионот, а радоста беше уште поголема ако се знае дека речиси сите однапред го отпишаа составот од Солун. Јанулис во 63. минута ја начна мрежата на гостите од Лисабон, додека победничкиот гол го постигна Живковиќ во 75. минута, односно десетина минута по влегувањето од клупата и тоа против поранешниот клуб во кој не доби вистинска шанса. Силва во 94. минута го постигна почесниот погодок за Бенфика.

ПАОК во последниот квалификациски меч пред групната фаза од ЛШ ќе ги одмерат силите со Краснодар и тоа во еден меч, кој ќе се одигра во Русија. Пласман понатаму обезбедија и Динамо Киев, кој беше подобар од АЗ Алкмар (2-0) и белгиски Гент, кој го совлада Рапид Виена (2-1).