И внукот на Хаџиевски е пред заминување од Бугарија - Спартак ќе го продаде!

Maкедонскиот фудбалер Георг Стојановски е пред заминување од редовите на Спартак Варна, а дека клубот е во завршни преговори да го продаде потврди претседателот на бугарскиот клуб, Алекс Илиев.

Стојановски одлично ја почна новата сезона и за Спартак постигна два гола во првите два натпревари, додека претходната ја заврши со десет погодоци на 29 средби.

Со такви настапи тој го привлече вниманието на странските клубови и очигледно Спартак од него може добро да заработи.

„Георг Стојановски можеби ќе го продадеме во воој момент водиме завршни преговори со странски клуб и тие траат подолго време. Ние ги штитиме интересита на клубот, но и ја почитуваме желбата на фудбалерот и некогаш е тешко да најдете златна средина во таквите преговори, сепак мислам дека сме на добар пат да биде постигнат договор од кој тој ќе биде задоволен и ние како клуб“, изјави Илиев.

Иако Илиев не откри повеќе детали, според дел од медиумите во Бугарија Македонецот е пред преселба во Катар.

Ќе потсетиме, Стојановски е внук на Ѓоко Хаџиевски кој минатата сезона беше на кормилото на клубот, меѓутоа во текот на вчерашниот ден беше објавено и дека тој си заминува.