УЕФА пресече: Европа нема да го игра приватниот Мундијал на Инфантино!
Одлуката е донесена на итен состанок кој беше свикан по предлозите од страна ФИФА за приватизирање на Светското првенство.
УЕФА, која управува со европскиот фудбал, јасно се спротивстави на плановите и ставајќи до знаење дека е против таквата идеја.
Бојкотот би се однесувал на сите натпреварувања под капата на ФИФА, вклучително и машкото и женското Светско првенство, како и Светското клупско првенство. Тој би стапил на сила доколку предлозите на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, бидат изгласани од членките на организацијата.
„Едногласно и недвосмислено го отфрламе предлогот на ФИФА за пренос на сопственички удели во Светското првенство и останатите натпреварувања на ФИФА на приватни инвеститор. Светското првенство не може да се третира како инвестициски производ. Тоа е едно од најголемите спортски наследства на фудбалот. Создадено е низ генерации од играчи, репрезентации и навивачи од сите континенти. Ниту еден дел од него не смее да биде предаден на приватни инвеститори. Светското првенство не е на продажба“, стои во дел од соопштението.
Ќе потсетиме, претходно слична одлука донесе и Фудбалскиот сојуз на Азија кој исто така не сака да учествува во продажбата на Светското првенство.