Лигата на шампиони и Лига Европа ќе се доиграат во јули и август!

Актуелната сезона во Лигата на шампиони и Лига Европа, која беше прекината среде осминафиналињата во двете европски натпреварувања ќе се доигра во јули и август е новата одлука на УЕФА, која денеска одложи сè од првобитната одлука за да направи простор за завршување на националните шампионати, кои во најдобро сценарио би продолжиле од средината на мај или почетокот на јуни.

Денеска УЕФА на видеоконференција со своите 55 членки ги одложи и презакажаните јунски баражи за Евро 2020, меѓу кои и историскиот меч на Македонија и Косово, а ги презакажа и клупските натпреварувања, кои според првичното презакажување пред две недели требаше да завршат на 24 и 27 јуни со финалните мечеви.

Во очекување на детали од УЕФА засега како што објавуваат европските медиуми, засега е одредено дека завршницата на клупската сезона ќе биде среде лето, но нејасно е дали ќе се продолжи да се игра по нормалниот систем или ќе има кратење, со по еден меч на неутрален терен до финалето и дали финалето во ЛШ, односно ЛЕ остануваат во Истанбул и Гдањск.

Во изминативе денови се појавија и најави дека можно е финалињата да се играат и на други локации, каде нема преголема закана од коронавирусот, ако избраните домаќини не успеат до август, кога веќе извесни се финалињата, да се справат со светската закана.