„Ламин е гениј, неверојатно е тоа што го прави на 17 години“

Тренерот на Барселона, Ханси Флик, изрази оптимизам пред вечерашниот реванш натпревар против Интер во Милано, во кој ќе се одлучи првиот финалист на овогодишната Лига на шампиони

Не штедеше германскиот стратег пофалби за Ламин Јамал кој со само 17 години е вистински лидер на неговиот тим.

„Ламин е вистински гениј. Неверојатно е тоа што го прави со топката. Секое додавање е прецизно и без грешка. Импресивно е тоа за 17-годишно момче. Во првиот натпревар нè врати во игра со своите акции и гол, беше прекрасно да се гледа. Но, мора постојано да биде на тоа ниво,“ изјави Флик.

Флик нагласи и дека тимот мора да биде на највисоко ниво доколку сака да го совлада Интер.

„Пред нас е клучен натпревар. Целта ни е пласман во финалето и за тоа ни се потребни сите фудбалери на највисоко ниво. Интер е фантастичен тим, со големо искуство и квалитет во сите линии“, истакна тренерот на каталонскиот гигант.

Потсети Флик и на досегашниот успех на Барселона.

„Кога ја започнавме оваа сезона, мислам дека никој немаше претстава колку ќе постигнеме. Веќе освоивме два трофеи. Сега следуваат одлучувачките недели, што е нормално кога си на ова ниво. Сакам тимот да ужива во овој момент, да ја покаже својата сила и да игра како вистински колектив, тоа ми е многу важно“, додаде Флик.

Фото: FC Barcelona/FB