Кварацхелија го доби дресот на Роналдо и откри џентлменски потег на Португалецот (ВИДЕО)

Грузиецот Квича Кварацхелија зад себе има фантастична вечер во која победи со својата репрезентација против силната Португалија и така обезбедија осминафинале во својот дебитантски настап на Европските првенства.

Кварацхелија беше одличен на теренот, го постигна и првиот гол, а по натпреварот беше прогласен и за играч на мечот.

Освен признанието за најдобар на теренот на Грузиецот му се исполни желбата и да добие дрес од Кристијано Роналдо.

„Се пласиравме во осминафиналето и го добив дресот на Роналдо. Ова е најдобриот ден во историјата за грузиските фанови, испишавме историја, никој не веруваше дека можеме да направиме вакво нешто“.

Фудбалерот на Наполи пред натпреварот не криеше дека ќе се обиде да дојде до дресот од Португалецот, а сега откри и дека пред натпреварот имал разговор со Роналдо.

„Пред натпреварот Роналдо дојде и ми посака успех, кратко разговаравме, не можев ниту да замислам дека тоа ќе се случи. Навистина е голем играч, но и голем човек. Токму затоа и добива такво внимание на теренот и надвор од него. Горд сум што победивме репрезентација како Португалија, ова е вечер која долго ќе се памети“, изјави Кварацхелија.

На социјалните мрежи Кварацхелија и објави фотографија од МВП признанието и дресот на Португалецот.