КуПС е минато, Вардарци мислат само на победа против Рига!
Покрај тренерот Кристијан Фабијани, на денешната прес-конференција беа Давид Бабунски и Азер Омерагиќ.
Бабунски вели дека тој и соиграчите размислуваат само на победа која би била многу важна за полесен реванш во Рига.
„Не смееме да размислуваме на ништо друго освен победа. Многу важно ќе биде да оствариме позитивен резултат на домашен терен за на реваншот да ни биде полесно. По карактерот на нашите играчи приоритет ни е да одиграме на ниво како што заслужува Вардар, а сето тоа што е дополнително (премијата) е само екстра мотив. На вториот меч ја подобривме сликата, и навивачите го препознаа тоа. Се надевам дека ќе продолжиме во таа линија, да се подобруваме. Сакаме да им вратиме на навивачите за поддршката што ни ја даваат“, рече Давид Бабунски на денешната прес-конференција.
На слична линија е и капитенот Азер Омерагиќ кој вели и дека ветената премија е само дополнителен мотив, но главната мотивација е Вардар да оди понатаму.
„Купс е минато, не дојдовме до посакуваниот резултат, но во реваншот покажавме дека можеме многу подобро. Сега одиме на Рига да се покажеме во многу подобро издание и да оствариме добар резултат. Утре ќе бидеме задоволни со било кој позитивен резултат. Премијата е само награда, а мотивот е Вардар да оди понатаму во Европа. Ќе го дадеме максимумот пред домашна публика, сакаме да одиме понатаму, наше е да одиграме најдобро, а што ќе се случи ќе видиме“, вели Азер Омерагиќ.