Фабијани: Ако одиграме на нашето најдобро ниво, ќе го завршиме мечот со насмевка!
Вардар утре со почеток од 20 часот е домаќин на Рига во меч од второто квалификациско коло во Конференциската лига.
„Со голема желба и емоција го дочекуваме утрешниот натпревар. Задоволни сме со тоа што го одигравме во Финска и победата, се надевам дека и утре ќе донесеме добар резултат. Мора да бидеме силни на домашен терен. Голема е мотивацијата да се покажеме многу подобро, тоа и го покажавме во Финска, сакаме да ги направиме горди нашите навивачи со една подобра партија и перформанси на домашен терен. Знаеме колку е важно да завршиме со предност на по првиот меч“, вели тренерот Фабијани.
„Што се однесува до Рига, станува збор за многу добра екипа тоа го покажува и нивната вредност на Трансфермаркт. Од средина на теренот и нагоре имаат многу квалитетни играчи со многу динамика, вертикалност, но така е кај секој клуб со финансии. Но и ние сме голем клуб и тоа сакаме да го покажеме утре. Сакаме да одиграме добро, да провоцираме грешки на нивната екипа и да ги искористиме“.
„Има многу работи кои треба да ги подобриме, имаме само два официјални натпревари одиграни. Ги анализираме натпреварите и мислам дека можеме многу повеќе да дадеме, имаме потенцијал кој треба да го покажеме. Се надевам дека на утрешниот натпревар тоа ќе го постигнеме, во фудбалот секогаш има нешто да се научи и да се напредува“.
„Што се однесува до шансите, не верувам во проценти, во фудбалот се е можно, утре ќе треба да одиграме на највисоко ниво, со полна концентрација, играме против силна екипа, но ако одиграме на нашето најдобро ниво, ќе си одиме со насмевка“.