„Каталонците“ го најдоа виновникот за елиминацијата: Роналд, време е...

И по десет години, Барселона нема да се израдува на трофејот од Лигата на шампионите иако се изгледаше дека каталонскиот тим е подготвен да го прекине долгиот пост во елитното натпреварување.

Како во 2010 година, повторно пречка беше Интер кого Барса не успеа да го совлада во полуфиналето. Овојпат двете екипи одигра спектакуларни два натпревара, постигнаа вкупно 13 гола, а приредија еден куп возбудувања и ролеркостер од емоции и кај навивачите и кај неутралните љубители на фудбалот.

До судиското продолжение од второто полувреме изгледаше дека Барса е сигурен финалист бидејќи во тие 45 минути беше апсолутно подобар противник, го сврте резултатот од 0-2 на 3-2, ја имаше психолошката предност, но не ги издржа последните моменти. Прво Ачерби го израмни резултатот и се избори за продолженија, а во нив Фратези го постави конечниот резултат. Виновник за двата гола беше човекот кој на својата рака ја носеше капитенската лента - Роналд Араухо.

Втора сезона по ред, Уругваецот е виновен за елиминација на Барселона во Лигата на шампионите. Лани, во четвртфиналето против ПСЖ, при вкупно водство на Барса од 4-2, тој доби непотребен црвен картон за фаул далеку од голот по што францускиот тим постигна четири погодока и отиде во полуфиналето. Синоќа, во ситуација кога минути ја делеа Барса од пласман во големото финале, повторно два кикса на Араухо придонесоа екипата да го заврши својот пат во Лигата на шампионите.

„Можеби Гундоган беше во право за Араухо“, „Роналд, време е...“, „На две минути сме од пласман во финалето од ЛШ, но Араухо не може да запре 37-годишен стопер“, „Ти си микс од Мегваер и Ромеу“, „Само оди си“...

Тоа се дел од коментарите на навивачите и каталонските новинари кои не можат да му простат на Араухо, а притоа се навраќаат на сезоната во која долго беше во „аут“ поради повреда, а потоа направи неколку киксови кои скапо можат да ја чинат Барселона. Лани Уругваецот најавуваше дека ќе си оди, Јувентус сакаше да го донесе своите редови, но каталонскиот тим одлучи да го задржи. Сега тоа се покажува како голема грешка.