Ја расплака Битола: Шошкиќ со тројка во последна секунда за полуфинале на Работнички (ФОТО)

Кошаркарите на Работнички се последниот полуфиналист во годинешниот плејоф, откако ја добија вечерашната „мајсторка“ против Пелистер (82-79), во која имаше голема борба и која финишира на ептен драматичен начин.

Херој беше младиот Андреј Шошкиќ, кој ја завери големата победа на центарци со тројка постигната буквално со последниот звук на сирената, во ситуација кога буквално сите мислеа дека ќе се играат дополнителни пет минути. Тој покажа храброст, како најмлад ја презеде одговорноста врз себе и го погоди можеби најважниот шут во кариерата. Шошкиќ и претходно беше лидер на црвено-белите, завршувајќи ја средбата со 23 поени и осум асистенции. Ова беше наполни заслужен триумф за 15-кратниот шампион, кој во првото полувреме во неколку наврати водеше со дури 16 поени разлика.

Битолчани се вратија во третиот период, кој го добија со плус 12 (25-13), а во втората половина од последниот период дури и поведоа во два наврати со по два поени (73-71). Но, тогаш на сцена стапи Шошкиќ, кој со шест поени во низа донесе еуфорична радост кај навивачите во салата.

Најефикасен кај центарци беше Стојан Ѓуроски со 24 поени, а одлично одигра и Жулиан Роше со 17 поени и 12 скока. Александар Костоски со 21 поен беше најпрецизен кај Пелистер, за кого ова беше разочарувачки крај на сезоната во која првпат по подолга пауза нема да игра во големото финале.

Работнички во полуфиналето ќе ги одмери силите со ТФТ, кој ќе ја има предноста на домашен терен, додека МЗТ Скопје ќе се сретне со Куманово.