Јаневски: Во Трондхајм дојдовме да освоиме бод(ови)!
За Јаневски, настап во Трондхајм е секогаш тежок терен за секој гостин.
„Се сеќавам на тој натпревар со Олимпијакос кога тука одигравме 1-1. Од тоа што знам е дека не е лесно да се игра тука. Станува збор за типично скандинавска екипа, која физички е добро подготвена, одлични се во воздушните дуели. Ќе бидат тоа, навистина, тешки 90 минути“, вели Јаневски.
Но Вардар во Норвешка не дојде со бело знаме, па црвено-црните утре од 19 часот ќе дадат се од себе за да стигнат до добар резултат, особено што по поразот од Зенит, македонскиот првак врза две домашни победи за да ја врати самодовербата и победничкиот дух.
„Имаме респект за нашиот противник, затоа што има огромно искуство со европски натпревари. Но, ние веруваме во нашиот квалитет и веруваме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Не би сакал никого да издвојам од противничката екипа, бидејќи тие се добри како колектив. Ги гледавме неколку пати оваа сезона, направивме добра анализа. Подготвени сме да се надигруваме со противникот. Сите го знаеме Бендтнер кој што има играно во големи клубови, има многу вакви натпревари, но исто така Розенборг е екипа која што поседува одлични играчи во средината на теренот. Не можам да кажам дека сигурно ќе победиме, тоа е тешко да се каже особено на вакви натпревари, но дојдовме тука да одиграме добар натпревар, и се наевам дека тоа ќе ни донесе позитивен резултат. И ние и Розенборг имавме лош старт во групната фаза од Лигата на Европа, и сега на некој начин двата тима ги посакуваме првите бодови“, вели Јаневски.