
Италија го промовираше Гатузо: Свесен сум што ме чека!
Италија нема настап на две Светски првенства по ред, тешкиот пораз од Норвешка го активираше алармот кај Азурите кои веднаш направија селекторска смена со цел да не дозволат испуштање и на трет Мундијал во серија.
Оној кој треба да ги однесе таму е Џенаро Гатузо кој е свесен дека задачата не му е лесна, но верува во себе и во италијанскиот фудбал.
„Ова е исполнување на мојот сон. Свесен сум што ме чека, нема да биде лесно, ама ништо вредно не се добива така. Работата е најважна, не зборовите. Италија мора да се врати на вистинскиот пат“, порача Гатузо на официјалната промоција.
„Слушам дека Италија нема талент – не се согласувам. Имаме фудбалери, ама мора да им се овозможи простор и вистински услови. Факт е дека 68% од фудбалерите во Серија А се странци. Тоа е аларм. Мора да ги туркаме младите. Кога работев во Хајдук, давав шанса и на деца родени во 2007 година. Имаме играчи кои се меѓу најдобрите на светот на своите позиции, ама само со колектив ќе дојдеме до резултати“.
Дебито на клупата на Италија ќе го има на 5 септември против Естонија. По првите две кола од мундијалските квалификации, Италијанците имаат три бода и се трети во својата група.