Интер ќе бара друг стадион за Лига Европа: На „Меаца“ не може поради коронавирусот?

Милански Интер повеќе од извесно е дека ќе мора да бара алтернативен стадион за реваншот со бугарски Лудогорец во шеснаестинафиналето во Лига Европа, зашто поради епидемијата на смртоносниот коронавирус во региони во Италија, најверојатно нема да може да игра на својата „Џузепе Меаца“.

Откако избувна епидемија во два региони, па низа градови се ставени во изолација, а сите собири меѓу кои и фудбалските мечеви се одложени (три во Серија А), голема е шансата Интер да не може да игра на својот стадион објави италијанската агенција АНСА. Сепак, сè зависи од одлуката на италијанското министерство за здравство, но и од УЕФА, зашто можно е да биде дозволено да се игра мечот пред празни трибини. Ако, таа прва идеја биде одбиена, тогаш „нераѕурите“ за мечот в четврток ќе мора да бараат алтернативен стадион, веројатно некаде на југот на Италија, каде засега нема регистрирани случаи од смртоносниот вирус.

Вчера три меча од италијанската Серија А беа одложени, а се играа само мечевите Џенова – Лацио (2-3) и Рома – Лече (4-0), додека уште 40-на други мечеви од ниските лиги исто така беа одложени.

Поради коронавирусот кој ги зафати регионите Ломбардија и Венето, сега уште два региони Емилија-Романа и Лигурија се „загрозени“, па министерството за здравство на Италија и кризниот штаб објави дека до 1 март најмалку се откажуваат сите можни настани, од фудбалски мечеви, јавни собири, а затворени се музеите, училиштата, универзитетите...