Милан сака да го задржи Модриќ, ама Хрватот има три услови

Милан е решен да го задржи 40-годишниот играч од средниот ред Лука Модриќ, чиј договор истекува на крајот од оваа сезона, но може да биде продолжен за уште една сезона со согласност на играчот, тврди „Скај Спортс“.

Италијанската телевизија, исто така, ги наведува трите услови под кои искусниот играч од средниот ред е подготвен да остане во миланскиот гигант. Првиот е поврзан со гаранции за изградба на конкурентен состав кој ќе се бори за првите места во Серија А следната сезона. Вториот е „росонерите“ да играат во Лигата на шампионите следната сезона, откако оваа сезона ги пропуштија европските турнири. Третиот е тимот да продолжи да го води Масимилијано Алегри.

Модриќ е меѓу најкористените играчи од тренерот, откако беше стартер во 30 од 32. првенствени натпревари на тимот оваа сезона. Во нив, хрватскиот капитен има два гола и три асистенции.