Интер и Јунајтед ги чекаат ривалите за полуфиналето во Лига Европа

Милански Интер и англиски Манчестер јунајтед вечерва (21 часот) ќе ги дознаат ривалите за полуфиналето во Лига Европа, после синоќешниот пласман, а Шакхтер – Базел односно Вулверхемптон – Севилја се вторите четвртфинални пресметки кои треба да ги дополнат испразнетите две места за последната елиминациска рунда пред финалето.

Севилја е најтрофејниот тим во Лига Европа со пет трофеи, па на хартија Шпанците се фаворити против англиски Вулверхемптон, иако овој тим покажа во последно време дека е многу незгоден тим, кој може секого да изненади.

„Самиот факт дека играме против Вулверхемптон значи дека ќе мора да бидеме на највисоко ниво и да одиграме врвен меч. Ние мора да размислуваме само на себе, знаеме со кого играме, ги знаеме нашите сили, ама знаеме и каква сила има противникот. Мора да знаеме дека играме со многу незгоден тим и очекувам супер меч на кој и едните и другите ќе притискаат“, вели Хулен Лопетеги, тренерот на Севилја.

Кој ќе победи од овој меч во недела на 16 август ќе се соочи со Манчестер јунајтед во Келн во полуфиналето. Шахтер е поранешен освојувач на Купот на УЕФА и фаворит против Базел, но Швајцарците со елиминацијата на бундеслигашот Ајнтрахт Франкфурт (4-0), без оглед што беа далеку од трката за шампионската круна во својата земја, докажаа дека никој не смее да ги потцени и дека таков пристап може да се врати како бумеранг за противникот.

„Ако го повториме настапот како против Волфсбург убеден сум дека ќе играме полуфинале. Мора да бидеме многу поубоити и не смееме да го потцениме ривалот. Нашата сила е брзината и ефикасноста и тоа треба да го искористиме“, вели Богдан Буга, тренерот на Шахтер.

Победникот од овој дуел оди на мегдан на Интер во второто полуфинале закажано за Диселдорф во понеделник на 17 август. Финалето во Келн се игра на 21 август.

МОЖНИ СОСТАВИ

ШАХТЕР – БАЗЕЛ (ГЕЛЗЕНКИРХЕН, 21 ЧАСОТ)
Шахтер: Пјатов – Додо, Кривстов, Матвијанко, Болбат – Маркос Антонио, Степаненко, Алан Патрик – Марлос, Жуниор Мораеш, Таисон
Базел: Николиќ – Видмер, Ван дер Верф, Алдерете, Петрета – Џака, Фрај – Стокер, Кампо, Пулулу – Кабрал

ВУЛВЕРХЕМПТОН – СЕВИЛЈА (ДУИЗБУРГ, 21 ЧАСОТ)
Вулверхемптон: Руи Патрисио – Боли, Коади, Саис – Доерти, Дринквотер, Мутињо, Невес, Винагре – Хименез, Жота
Севилја: Ваклик – Навас, Диего Карлос, Кунде, Регулион – Фернандо, Џордан, Банега – Окампос, Мунир, Де Јонг