Глигоров: Ајде да ја допишеме историјата, а не да останеме на нула!

Вардар има последен предизвик во Лига Европа, со натпреварот против Розенборг, в четврток. По пет порази, огромна е желбата да се освои барем бод и да се покаже дека пласманот во ова натпреварување на бил случаен.

Некако, чувствуваме како да имаме ненаплатен долг по гостувањето на Вардар во Трондхајм. Загуби со 1-3, меѓутоа играта која ја прикажа не соодветствуваше на таков пораз, па фудбалерите велат дека имаат што да доречат.

„Впечатокот кај сите нас, а мислам и кај јавноста, е дека ако Вардар има шанси да осои бод или три против некого тоа е Розенборг. Видовме и на натпреварот кој го загубивме во гости со 3-1, впечатокот беше дека можеме да играме со нив. Примивме прво гол од пенал, вториот беше наивен, но ние се носевме рамноправно, шансите беа на наша страна, имавме статива... Сепак, тие се квалитетна екипа, шампион на својата држава, редовен учесник во групните фаззи во ЛШ или во ЛЕ, така што ако некој мисли дека ќе биде лесно да се освојат бод или три овде - се лаже. Сигурно и тие доаѓаат полни со самодоверба, сега ја освоија титулата во Норвешка, меѓутоа на нас е да го направиме клучниот чекор, на нас е да ја допишеме историјата, де не остане само дека сме учествувале во групната фаза“, вели еден од капитените, Никола Глигоров.

Малку боли, дури и благо фрустрира фактот дека Вардар беше една вкомпонирана, хармонична екипа која знаеше што прави во летните квалификации, особено на двомечот со Фенербахче, а потоа, кога ја оствари целта и се пласира во групите - тотален колапс. За пет меча прими 19 гола и беше надиграна, особено пред своите гледачи, така што збунува тоа што некаде во меѓувреме, се загуби тој препознатлив ритам во нивната игра. Можеби фудбалерите чувствуваат што се смени од Фенер досега?

„Тешко е да се опише двомечот со Фенербахче. Не дека ние бевме толку подобри од Фенер, па да ги победиме двапати, едноставно ни се поклопија коцките, Господ сакаше да победиме, едноставно го заслуживме пласманот во ЛЕ по три години напорна работа. Е сега кога дојдовме во групната фаза, мислевме дека можеме порамноправно да се носиме со тие екипи, но излезе дека не е така. Излезе дека и Зенит и Сосиедад се две-три класи подобри од Вардар, не само играчки, туку и организациски и клупски, така што не треба да се сфаќаат поразите од нив како трагедија. Треба да се гледа напред, треба да биде ова показател за наредните генерации, дека Вардар, македонските екипи можат да се носат со големите екипи од Европа“, коментира Глигоров.

Дека не е до класата на Сосиедад или Розенборг, туку нешто „кликна“ наопаку во Вардар покажува и падот во домашното првенство. Екипата која го надигра Фенербахче пред два дена загуби од Шкупи. Не треба повеќе објаснување. Тоа, најверојатно, ќе ги чини вардарци титулата, бидејќи Шкендија веќе има огромни 14 бода предност.

„Точно, Шкендија направи солидна предност, меѓутоа Вардар не би бил Вардар ако се откаже на полусезона. Имаме уште цела пролет да се игра, плус уште два натпревара од оваа полусезона. Ќе настојуваме да влеземе во пролетниот дел со што е можно помала негатива и ќе продолжиме да работиме, па до последното коло да ѝ ја отежнеме работата на Шкендија што е можно повеќе“, вели Глигоров оптимистички.

Мечот Вардар - Розенборг се игра в четврток во 21.05 часот, а победа би била неверојатен стимулатор во ова кризно време.