Фудбалерите на Романија на „јапонски начин“ се збогуваа со ЕП и со Германија (ФОТО)

Романските фудбалери прикажаа солидни игри на ЕП 2024 година, на кое ја минаа групната фаза, но на кое на крајот доживеаја болен пораз во осминафиналето во дуелот со Холандија (0-3).

Тие по одличната партија против репрезентацијата на Украина, која ја декласираа, претрпеа пораз од Белгија и ремизираа против Словачка, по што неочекувано завршија како први на табелата во групата Е. Без разлика на елиминацијата, Романците оставија позитивен впечаток кај домаќинот, откако во совршен ред ја оставија соблекувалната на стадионот во Минхен, со писмо во прилог на германски јазик преку кое изразија благодарност за гостопримството и за организацијата на ЕП 2024.

Германските медиуми се воодушевени од овој потег на луѓето од националниот тим на Романија, чии фудбалери ги нарекоа „европски Јапонци“, кои први го промовираа ваквиот начин на чистење на соблекувалната по средбите на големите натпреварувања.