Европско останува со 24 селекции – УЕФА нема намера да го прошири од 2028!

Иако постоеа најави дека Европската фудбалска унија (УЕФА) од 2028 година планира да го прошири Европското првенство од сегашните 24 селекции на дури 32 учесници, такво нешто нема да се случи, зашто во Нион ја одбиле опцијата за ново проширување.

Англиски „Дејли Мејл“ објави дека УЕФА дефинитивно ќе ја одбие опцијата за проширување на ЕП за нови осум учесници, откако после воведните разговори на луѓе во Нион со телевизиските бродкастери им било предочено дека таков шампионат со учество на повеќе од половина од вкупниот број на членки на УЕФА (32 од 55) ќе ја намали комерцијалната вредност на шампионатот.

Според ТВ-бродкастерите и маркетинг стручњаци поголемиот број на учесници и поголемиот број на мечеви нема да донесе раст, зашто поголем дел од мечевите би биле лесно предвидливи и неинтересни.

УЕФА имала и друга опција да го смени форматот на квалификации, со испаѓање, но и тоа не поминало на разговорите со ТВ-бродкастерите, од кои се слеваат милијарди евра за преносите од континенталниот шампионат.

Европското првенство беше проширено од 16 на 24 селелкции за Еуро 2016 во Франција, а последното Еуро 2020 кое се играше во 11 земји беше само второ по најновиот формат и на него дебитираше Македонија.