Еден Роналдо премалку за Лион, Сити само го докусури „кралот“ од Мадрид (ВИДЕО)

Екипите на Манчестер сити и на Лион се пласираа во четвртфиналето од Лигата на шампионите, откако денеска дојдоа до триумф над Реал Мадрид (2-1) односно до посакуваниот пораз со постигнат гол во гости (1-2) во дуелот со Јувентус.

„Граѓаните“ ги максимизираа двете големи грешки на Рафаел Варан и со погодоците на Рахим Стерлинг и на Габриел Жесус дојдоа до втор триумф во пресметката со „кралевите“, за кои почесниот погодок го постигна Карим Бензема.

Лион, пак, долго ќе го слави Мемфис Депај и неговата огромна храброст не само да го изведе пеналот уште на самиот почеток од мечот туку и со фантастична „паненка“ да го реализира за злато вреден гол, кој на крајот се покажа вреден пласман понатаму.

Двете екипи се пласираа на ТОП-8 турнирот во Лисабон, каде што веќе се Лајпциг и Аталанта односно Атлетико Мадрид и ПСЖ. Последните два патника ќе ги добиеме утре по реван-средбите помеѓу Баерн и Челси (3-0) односно Барселона и Наполи (1-1).