Ѕвезда на Јунајтед им се налути на новинарите: Ја претеравте со Роналдо и со Мбапе!

Репрезентациите на Португалија и Франција вечерва (21 часот) ќе го играат четвртфиналниот дуел на ЕП 2024, пресметка што со нетрпение се очекува со оглед што на теренот ќе се најдат едни од најголемите ѕвезди на денешницата.

Пред дуелот, најголемо внимание се посветува на напаѓачката споредба на Кристијано Роналдо и Килијан Мбапе, без разлика што опасност по головите постои од сите страни. Бруно Фернандеш, фудбалерот на Манчестер Јунајтед, на прес-конференцијата пред мечот им се налути на новинарите кои овој натпревар го сведуваат единствено на дуел на двете супер-ѕвезди.

„Тука дефинитивно не се работи на дуел помеѓу Килијан и Кристијан, туку за пресметка помеѓу Португалија и Франција. Двајцата се неверојатни играчи кои се наоѓаат во различни фази од нивните кариери. Кристијано е еден од најдобрите фудбалери кои некогаш играле, а Килијан е на на добар пат да му се приклучи со оглед што е на почетокот или средината на кариерата. Но најважно е што не се работи само за нив, зборуваме за Португалија и за Франција. Како репрезентација, а не како поединец сакаме да се пласираме во полуфиналето“, изјави Фернандеш.

Средбата ќе се одигра на „Волкспарк стадионот“ во Хамбург. Претходно, во првото четврт-финале, силите ќе ги одмерат репрезентативците на Германија и на Шпанија (18 часот) и тоа во Штутгарт.