Дрита се израдува на негативните корона-тестови: Можеме да го елиминираме Силекс!

Косовска Дрита од Гњилане, актуелниот првак во својата земја, се израдува на комплетно негативните тестови на коронавирус, кои тимот ги направи на мини-подготовките во Албанија и сега со комплетен тим и без страв дека може административно пак да загуби доаѓа денеска во Скопје пред утрешниот меч од 20 часот со Силекс во „шампионската група“ од квалификациите за Лига Европа.

Дрита во претходната претквалификациска руна во Лигата на шампионите го загуби финалето со Линфилд поради позитивен случај на ковид-19, па сега им олесна на Косовците откако сите добиле негативни тестови по тестирањето во лиценцирана лабараторија кај западниот сосед од УЕФА во пресрет на доаѓањето во македонската престолнина.

Напаѓачот на Дрита, Кастриот Реџа после резултатите од тестирањето најави дека во Скопје доаѓаат да го елиминираат Силекс, зашто во Албанија имале специјални подготовки, а добрата контролка со Скендербег и победата со 4-0 уште повеќе ги наполнила со оптимизам и самодоверба пред дуелот со кратовци.

„Подготвени сме за овој меч, бевме во карантин во Албанија имавме специјални подготовки и гледавме неколку меча на Силекс и можам да кажам можеме да ги елиминираме. Подготвени сме, се засиливме, па одиме полни со оптимизам и самодоверба дека ќе обезбедиме пласман во следната рунда. Победивме на 'контролката' (4-0 со Скендербег – н.з.), меч на кој многу важно е што одигравме одлично. Мислам дека формата ни е на задоволително ниво, како тимски, така и индивидуално кај секој играч“, вели Реџа. 

Член на косовскиот првак од неодамна е и доскорешниот вардарец Владица Брдаровски, кој потпиша договор со клубот, како еден од последните од шампионскиот тим на црвено-црните кој се распадна и само малкумина останаа во актуелниот тим на Вардар.