„Дојдете да го бодрите Вардар во Шпанија и платете како за на Хаваи“

Македонскиот шампион Вардар организира патување за возвратниот дуел со Реал Сосиедад во рамки на Лигата на Европа, но аранжманот можат да си го дозволат само навивачите со подлабок џеб. 

Целиот аранжман организиран од Вардар чини 750 евра, што е прилично скапо за следење на фудбалски натпревар во Сосиедад на стадионот „Аноета“ со едно ноќевање во хотел.

Факт е дека просечниот македонски навивач не може да одвои волкав буџет за еднодневна екскурзија во Шпанија. Ако ги споредиме аранжманите за летен одмор од туристичките агенции, тогаш за оваа цена можете да истерате цел десетдневен одмор во некое познато турстички место и тоа во хотел со „ол инклузив“.

Ова е понудата на Вардар за патувањето во Сан Себастијан.

Реалноста е дека ваков луксуз можат да си дозволат само навивачите кои имаат подлабок џеб, но реалната цена на еден ваков аранжман во сопствена режија веројатно е многу помала.

Авио-билетите преку нискобуџетните компании до Барселона чинат околу 100 евра. Ќе ви требаат дополнителни 100 евра за изнајмување автомобил и бензин, а можеби уште толку и за две ноќевања во просечен хотел или приватно сместување во Сан Себастијан. Билет за натпреварот сигурно нема да ве чини повеќе од 50 евра, што значи дека за 350 - 400 евра можете во сопствена режија да организирате патување и да го бодрите Вардар против Реал Сосиедад на „Аноета“.