Динамо и Адеми пред пласман во ЛШ: Црвена Звезда ремизираше кај Јанг Бојс (ВИДЕО)

Двата гиганти од просторот на поранешна Југославија, Динамо Загреб и Црвена Звезда остварија одлични резултати на првите натпревари против Розенборг, односно Јанг Бојс во плејофот за пласман во групната фаза во Лигата на шампиони. 

Динамо Загреб ги реши сите дилеми околу победникот уште во првото полувреме, кога и ги постигна двата гола против Розенборг. Бруно Петковиќ во осмата минута беше сигурен од белата точка, додека Мислав Оршиќ го постигна вториот гол за „модрите“ во 28-та минута. Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми го одигра целиот натпревар за хрватскиот шампион.

Црвена Звезда одигра 2-2 на гостувањето кај Јанг Бојс во еден интересен и неизвесен натпревар. Швајцарците први поведоа преку Роџер Асале во седмата минута. Милош Дегенек израмни на 1-1 за белграѓани во 18-тата минута со убав погодок со глава. На стартот на второто полувреме Звезда направи пресврт и поведе преку новајлијата Матео Гарсија, кој погоди на своето деби. Гилам Оро ги постави конечните 2-2 од пенал во 76-тата минута, откако Боачи стартуваше несмасно во шеснаесетникот на Црвена Звезда. 

Олимпијакос е многу близу до пласман во групната фаза во Лигата на шампиони по победата од 4-0 против Краснодар пред своите гледачи во Пиреја. 

Реванш натпреварите се закажани за следната недела.