Денеска во Хамбург ждрепка за Европското првенство: Ќе има ли балканска група во Германија?

Со почеток од 18 часот, денеска во Филхармонијата во Хамбург ќе се одржи ждрепката за групната фаза од Европското првенство чиј домаќин идното лето ќе биде Германија.

Хамбург ќе биде еден од десетте градови кои од 14 јуни до 14 јули ќе ги пречека најдобрите 24 репрезентации во Европа. Тие не се рангирани според пласманот на ранг-листата, ниту врз основа на нивната историја и успесите на континенталните натпреварувања, туку само според резултатите во квалификациите каде имаше многу изненадувања.

Затоа, исклучително интересно е тоа што во вториот шешир се Унгарија, Турсија, Романија, Албанија..., а во четвртиот е актуелниот европски шампион Италија, заедно со Србија и Швајцарија.

Македонската репрезентација не успеа да обезбеди пласман на Европското првенство, но интересно ќе биде дали на шампионатот ќе има балканска група за што постојат добри услови. Во првиот шешир нема репрезентација од овие простори, но во вториот се Турција, Романија и Албанија, во третиот се Хрватска и Словенија, а во четвриот засега е Србија, со можност да ѝ се приклучат БиХ и Грција. Освен тоа, не е исклучено да има „група на смртта“ имајќи предвид дека дури и во четвртиот шешир е сместен гигант како Италија која ќе ја брани титулата.

На Европското првенство ќе има шест групи со по четири репрезентации, пласман во осминафиналето обезбедуваат првопласираните две од секоја група, плус четири најдобри третопласирани репрезентации. Засега е сигурна 21 репрезентација, останатите три ќе се знаат по плејофот од Лигата на нации во март.