Бивш репрезентативец на Летонија суспендиран на 10 години поради – местенки!

Поранешниот репрезентативец на Летонија, Едгарс Гаурачс доби жестока суспензија од сите фудбалски активности и тоа во следните десет години, поради негова инволвираност со фудбалски местенки.

УЕФА преку својата дисциплинска и етичка комисија, која неделава се созтанала, ја изрекла острата суспензија од цела една деценија за Гаурачс, откако било утврдено дека го прекршил кодот за интегритет и дека е виновен за малверзација со резултати.

Тој беше генерален директор на летонски Спартакс од Јурмала, а бил вмешан во мрежа за местенки по што, УЕФА после изведувањето на сите докази, донела одлука дека спротивно на спортскиот кодекс и на етичките норми, прекршил сѐ за да оствари противправна корист за себе или за трети лица.

Ова е една од најжестоките казни за местенки што ги изрекува УЕФА, откако пред неколку години албански Скендербег беше казнет со десет години суспензија и казна од еден милион евра. Претходно прилепска Победа за местенка доби жестока казна од осум години.