Баерн не може против парите на ПСЖ, Челси со пресврт до триумф, Барса и Јуве едвај (ВИДЕО)
ПСЖ го доби дербито во второто коло во Лигата на шампионите, кое практично го реши најскапото трио на светот уште за половина час. Нејмар му асистираше на Дани Алвеш за да даде гол за рано водство, Мбапе асистираше за Кавани да погоди со прекрасен удар од 16 метри за да ја завери победата, а Нејмар го докусури баварскиот великан, откако „малиот“ Мбапе со мајсторски дриблинг му овозможи на Бразилецот да погоди.
Второто дерби на колото заврши со победа на „Ванда Метрополитано“ на лондонски Челси, кој со 2-1 со пресврт го победи Атлетико Мадрид. Лондончани имаа извонредни шанси, но дирекот и Јан Облак спречија гол, а Ентоан Гризман ги казни со гол од пенал пред полувремето. Алваро Мората израмни во средината на вториот дел на асистенција на Еден Азар, а Башуаи во 94-та да донесе пресврт и голема победа на „сините“.
Манчестер јунајтед се прошета во Москва, па ЦСКА беше немоќна против машината на Жозе Мурињо, која за 30-на минути даде три гола и набрзина си ја обезбеди победата со убедливи 4-1. Базел, пак, беше уште поубедлив со „петардата“ која и ја стокми на Бенфика, иако Португалците како благо фаворити дојдоа во Швајцарија.
Каталонскиот великан Барселона во Лисабон стигна до втора победа, минимална (1-0) и тоа благодарение на автоголот на Себастијан Коатес на почетокот на вториот дел. Стефан Ристовски не беше ниту резерва на денешниот дуел на Спортинг против Барса. Слично како и Барселона, и Јувентус стигна до победа, но со 2-0 против грчки Олимпијакос, иако јавноста очекуваше грчкиот првак да биде торпедиран. Гонзало Игуаин и Марио Манџукиќ погодија за победа остварена во псоледните 20 минути од мечот, што е прв триумф на „старата дама“ во новата сезона.
Селтик со 3-0 во Брисел го победи Андерлехт, а Рома уште во пладневниот термин со 2-1 славеше над Карабах, во останатите два меча.