Бабунски по елиминацијата од Шкендија: Таков е фудбалот, губиш и кога доминираш!

Романски Ботошани загуби вчера од тетовска Шкендија со 0-1 во второто квалификациско коло во Лига Европа во меч на кој пресуди мајсторијата на Бесарт Ибраими и неговиот единствен шут во рамките не голот, кој мајсторски со лоб го претвори во гол.

Романците уште долго ќе го анализираат мечот на кој буквално во секој сегмент од играта доминираа, ама сето тоа не беше доволно, зашто пред себе освен организиран тим, добра одбрана го имаа и голманот на тетовци Костадин Захов, кој во клучни периоди одбрани буквално сè и даде голем придонес во триумфот остварен со фудбалер помалку на теренот во последната четвртина од мечот.

„Таков е фудбалот. Се губи и кога играш добро, а ние направивме неколку грешки, па...“, вели поранешниот макеоднски репрезентативец Давид Бабунски, членот на „златната младинска генерација“ која играше на Евро 2017.

Бабунски беше стартер, како и вториот екс-репрезентативец Стефан Ашковски, а плејмејкерот имаше една извонредна шанса, два опасни шутеви, проигруваше, но... Реализација немаше кај Ботошани.

„Имавме шанси да направиме нешто прекрасно, а без оглед што одиграв добро, што се боревме до крајот, сешак не победивме. Доминиравме цел меч, имавме шанси, а примивме гол многу рано и така е понекогаш во фудбалот. Шкендија е добар тим има добри играчи, знае да се натпреварува на високо ниво и знаевме дека ќе биде тешко да ги победиме“, потенцира Бабунски.

Тој посочува тоа што од претходно сите го знаат – денеска во фудбалот нема лесен противник.

„Романската лига е на повисоко ниво, но не постои лесен противник во фудбалот. Сега ни останува да се фокусираме на првенството, лани имавме многу добри резултати“, додава Бабунски.