Англиските навивачи на финалето во ЛШ ќе дојдат пред мечот, а ќе си одат – веднаш по него

Англиските навивачи на Манчестер сити и Челси, двата премиерлигаши кои ќе се соочат на 29 мај во Порто во финалето во Лигата на шампионите, ќе мора да дојдат утрото пред мечот, а да си заминат после завршување на средбата и крунисувањето на новиот шампион, инсистира португалската влада во пресрет на најважниот меч сезонава во европската елита.

Според португалските власти, навивачите ќе мора да останат во „балон“ додека се во градот, што значи нивното присуство ќе мора да биде контролирано, односно нема да им биде дозволено да се забавуваат како што се навикнати за ваквите мечеви, туку најверојатно за двата клуба ќе има специјално ограден простор, каде ќе се загреваат за дуелот, а после мечот на стадион, експресно би биле „депортирани“ на Островот.

Двата клуба добија по 6.000 билети за финалето во ЛШ на „Драгао“, откако овој стадион ја доби организацијата во минатата недела, после одлуката на УЕФА да го одземе вторпат по ред финалето од Истанбул, откако Турција се најде на црната листа, поради зголемувањето на зараза од коронавирус во земјата.

„Сите што ќе дојдат на финалето во Лигата на шампионите, тоа ќе мора да го сторат на денот пред мечот, а да си заминат истиот ден по завршување на мечот. Доаѓањето мора да биде со негативен тест или во сутуација на 'балон' со чартер лет. Ќе има две фан зони, по една за двата клуба, а навивачите ќе бидат во нив и ќе се движат од таму до стадион, а од стадион до аеродром и сето тоа за еден ден. Толкав ќе им биде претстојот во Португалија“, објави Маријана Виера да Силва, министерката за надворешни работи.

Португалија втора година по ред во оваа корона-криза е домаќин на финалето во ЛШ, а најмногу поради фактот што патување на навивачи во земјата нема да има рестрикции за враќање на Островот и задолжителен карантин, како што би било случај со Турција. „Вембли“ беше фаворит да го добие финалето, но Англија не можеше да ги исклучи од задолжителен карантин, околу 2.000 луѓе што се задолжени за организација и бродкастерите, па поради тоа најголемиот англиски стадион извиси за ова финале.