Англија е прва европска репрезентација што се пласира на Мундијалот (ВИДЕО)

На две кола пред крајот на квалификациите, репрезентацијата на Англија обезбеди пласман на Светското првенство како прва европска селекција која успеа да го направи тоа.

„Гордиот Албион“ ја разнесе Летонија во Рига со 5-0, демонстрирајќи невидена доминација во својата група во која и по шест натпревари е без примен гол и има 18 бода и гол разлика 18-0. Во прашање беше само конечниот резултат од овој меч бидејќи и пред натпреварот на сите им беше јасно кој е фаворит.

 

 

Гол-серијата ја отвори Гордон во 26. минута, до крајот на првото полувреме два пати погоди Кејн, а во вториот дел Тонисевс си постигна автогол и конечниот резултат го постави Езе.

 

 

Многу блиску до потврда на пласманот на Светското првенство уште вечерва беше Португалија на која ѝ беше потребна победа против Унгарија, но не го сочува водството до крај, играјќи 2-2 во Лисабон. Шалај во деветтата минута ги шокира навивачите на „Жозе Алваладе“, но Роналдо со два гола до крајот на првото полувреме го сврте резултатот во корист на Португалците.

Домаќините водеа до крајот на основниот дел од натпреварот, а во судиското продолжение Собослаи го совлада Коста и ја спречи Португалија вечерва да слави пласман на Светското првенство. Сепак, Португалците имаат 10 бода, пет повеќе од Унгарија и само е прашање на време кога ќе го потврдат пласманот на Мундијалот.

 

 

Како и Англија, максимален ефект по четири одиграни натпревари има и репрезентацијата на Шпанија која вечерва ја уништи Бугарија со 4-0, но на две кола пред крајот Турција има девет бода, па „фуријата“ се уште чека на заверка на учеството на претстојниот планетарен собир.

РЕЗУЛТАТИ
Андора - Србија 1-3
Ирска - Ерменија 1-0
Италија - Израел 3-0
Летонија - Англија 0-5
Португалија - Унгарија 2-2
Шпанија - Бугарија 4-0
Турција - Грузија 4-1