Вардар со лесна победа над Сесвете тргна во Европската лига!

Вардар покажа дека е многу поквалитетен тим од Сесвете, вечерва во салата „Јане Сандански“ славеше рутинска победа од 34-29 и на тој начин ја почна сезоната во Европската лига.

Црвено-црните влегоа како голем фаворит во мечот против хрватскиот противник и моќта ја покажаа на теренот, но имаа и падови во играта по кои му дозволуваа на Сесвете да се враќа во мечот.

Вардарци одлично го отворија натпреварот, со водство од 3-0, неколкупати имаа и пет гола предност, но од 11-6 следуваше пад и серија на Сесвете од 5-1 со која Хрватите дојдоа на минус еден. Момците на Чупиќ веднаш се разбудија и повторно направија разлика, на полувремето водеа со 19-15.

Брзо во второто полувреме дојдоа до највисоки шест гола разлика дотогаш, беше 21-15. Тренерот на Сесвете, Вори се реши да ја промени одбраната во 5-1, а тоа им создаде проблеми на домаќините, на Вардар му требаше време да се прилагоди, а хрватскиот тим направи серија од дури 6-0 и израмни на 21-21.

Повторно се вклучи алармот во црвено-црниот табор, Вардар пак се крена, направи серија од 6-1, повторно дојде до убедлива предност и го однесе натпреварот во лесна завршница до конечна победа од 34-29.

Најдобар поединец на Вардар беше Дмитро Хориха со седум гола, Боно и Тузолана дадоа по шест, Јанковски четири. Кај Сесвете Златко Раузан даде девет голови.

Наредниот европски натпревар на Вардар е на гостински терен кај Тулуз на 21 октомври.