Вори: Вардар има одлична бековска линија, ги казни сите наши грешки

Легендарниот хрватски ракометар, сега во улога на тренер на Сесвете, Игор Вори беше полн со комплименти за играта на Вардар на денешниот натпревар од ЕХФ Европската лига.

Македонскиот претставник славеше со 34-29 за први бодови во групната фаза, а некогашниот пикер посочи дека неговиот тим имаше можност многу да научи од овој меч.

„Мислам дека ни се случува иста ситуација како минатата година. Тргнавме со Вардар со преголем респект, па ни требаше време да се стабилизираме. Сепак, денес овие млади играчи покажаа голем карактер. Се враќавме двапати од голема негатива. Ова сигурно ќе биде една школа која многу скапо се плаќа. Во првиот дел бевме лоши во дефанзива, а потоа сменивме и бевме подобри. Сепак, главниот проблем дојде во 40. минута, кога ние паднавме, а Вардар продолжи понатаму. Мора да научиме, тоа е искуство за да парираме во Европа. Вардар заслужено победи, ама можеби разликата на крајот беше превисока. Ова е искуство за нас, имавме 15 технички грешки, а тоа е премногу за европски натпревар. Вардар има неверојатна бековска линија и ги казни сите грешки“, рече Вори.

Во второто коло, идната недела Вардар гостува кај Тулуз, а Сесвете го пречекува поранешниот член на Лигата на шампионите, Кристијанштад.