Анализа: Барса и Интер го одиграа најдобриот двомеч во модерната историја на ЛШ!

И покрај сите обиди да се промени, идеите за Суперлига и покрај критиките дека станува здодевна, Лигата на шампионите уште еднаш докажа дека е најдоброто што клупскиот фудбал го нуди.

Во последните неколку години понуди спектакуларни приказни. Пресвртот на Реал против Манчестер Сити во 2022 кога Родриго го одведе натпреварот во продолженија, а таму Карим Бензема постигна гол за победа. Пресвртот на Ливерпул против Барселона во 2019 кога домаќините со легендарниот брз корнер на Трент Александер-Арнолд постигнаа за 4-0, откако во Барселона загубија со 0-3. Трите гола на Лукас Моура на гости кај Ајакс истата таа 2019, кога Тотнем губеше со вкупни0-3, за на крајот со 3-3 и благодарение на головите во гости да избори финале. „Голејадата“ на Барселона во 2017, која по поразот од 0-4 во Париз дома го разби ПСЖ со неверојатни 6-1. Па дури и минатата година гледавме спектакл меѓу Борусија Дортмунд и Атлетико Мадрид во кој видовме вкупно девет голови, како и уште едно чудо на Реал кога Жозелу во 88. и 91. минута постигна гол за пласман во финале против Баерн.

Сепак, кај поголемиот дел од овие натпревари гледаме приказна на пресврт во вториот натпревар, откако една екипа доминирала во првиот. Или гледаме дека првиот натпревар бил помалку интересен, па во вториот гледавме спектакл. Она што ни го приредија Интер и Барселона во двомечот оваа сезона е приказна сама за себе. Двата натпревари беа фантастични и можевме да уживаме во континуиран спектакл. Станува збор за најдобриот дуел во модерната историја на Лигата на шампионите.

Откако првиот натпревар во Барселона заврши со резултат 3-3, малкумина мислеа дека слично може да се повтори во Милано. Колку и да покажа Интер во првиот дел од сезоната дека е дефанзивно стабилен, по неодамнешните настапи во лигата беше очигледно дека играчите се исклучително изморени. Станува збор за најстарата екипа во Европа кога зборуваме за врвно ниво на фудбал, и заморот поради борбата на сите три фронта се чувствуваше. Свежината и енергијата на Ламине Јамал и друштвото мораше да биде погубна. Од друга страна, стилот на игра на Барселона им отвори шанси на Интер. Италијанците се најдобрата екипа во Европа во воздушни дуели и прекини, што го докажаа во првиот натпревар, како и меѓу најдобрите во освојувањето на дуели за втора топка и во дијагоналите и топките во простор кон страничните позиции.

Секоја екипа имаше некаков облик на „криптонит“ за онаа другата, но во вториот натпревар на Интер не му беа доволни само тактичките финеси на Симоне Инзаги за да извлече позитивен резултат – беа потребни и херои, а ги имаше неколку. Ако гледаме од перспектива на двата натпревари, Дензел Думфрис беше првото име на Интер. Во двата натпревари постигна два гола и асистираше три пати и беше примарен проблем за високата линија на Ханси Флик. Тој е еден од најдобрите играчи во светот кога зборуваме за влетувања во простор и напад од длабочина, а на „Сан Сиро“ левиот бек на Барселона, Жерард Мартин, не можеше да го следи, ниту беше поставена одбраната за да може тоа да се спречи.

Неочекуван херој, пак, беше виновникот од првото полувреме – Мартин. Со две перфектни асистенции на втората статива, на која играчите на Интер постојано доцнеа, најпрво го пронајде Ерик Гарсија, а подоцна и Олмо за израмнување на резултатот. Иако на крајот не постигна ниту асистираше, првото име на Барселона беше Ламине Јамал. И додека во првото полувреме малку и самиот себе се кочеше со недостаток на самодоверба и носење погрешни одлуки, за потоа ВАР да го поништи бидејќи беше направен надвор од шеснаесетникот. Јамал влезе во дури 36 дуели на овој натпревар, од кои 23 пати излезе како победник, додека при 20 обиди за дриблинг 14 пати ги мина своите чувари. Со влегувањето во игра на Карлос Аугусто наместо Димарко, работата му беше уште полесна, бидејќи играчот на Интер често стартуваше на него прерано, што му овозможуваше лесно да го заобиколи.

Додека измените на Флик практично не ѝ донесоа речиси ништо на Барселона, Инѕаги погоди со многумина. Навивачите на Интер ќе го опејат Давиде Фратези по голот за 4-3 кој ќе ја означи и победата на Интер, но подеднакво важен беше влезот на Мехди Тареми. Освен што асистираше за голот, тој направи неверојатна работа во одбраната. Постојано помагаше на страната по која продираше Јамал, и со оглед на бројот на одиграни минути ја заврши натпреварот со прилично импресивен број одземени топки и добиени дуели.

На списокот на сите тие херои на Интер, како последен, но можеби и најважен, мора да се спомене Јан Зомер, голманот кој Интер го доведе за само шест милиони евра откако го продаде Андре Онана во Јунајтед за повеќе од 50 милиони. Швајцарецот со години нè навикнува на бравури, како во клупскиот, така и во репрезентативниот дрес, а во овој натпревар, и покрај примените голови, си ја заврши работата одлично. Спаси сè што можеше, дури и повеќе од тоа, и во моменти кога се чинеше дека Барселона ќе израмни резултат или ќе премине во водство, со одбраните ја крена енергијата и моралот на истрошените соиграчи.

По кризата со резултати во лигата, Интер на својот стадион се соочуваше со потполен колапс на сезоната. Пред само неколку недели се бореа за три трофеи, а по голот на Рафиња како реалност изгледаше дека нема да освојат ниту еден. Но, комбинацијата од тактички одлуки, одлични индивидуални настапи, јунаштво и доза среќа го направи победник во најголемиот спектакл во модерната клупска фудбалска историја. Барселона докажа дека под водство на Флик е тука за да остане на највисоко ниво. Овој состав полн со талент во годините што доаѓаат ќе биде екипа што мора да се победи за да се стигне до титулата најдобар клуб во Европа, додека Јамал, и покрај испаѓањето, ќе остане еден од главните кандидати за освојување на Златната топка на крајот на годината.

Интер можеби нема да има кандидат за Златната топка дури и ако ја освои Лигата на шампиони, но во тој случај барем една индивидуална награда ќе биде сигурна — онаа за најдобар тренер. Комплетната анализа прочитајте ја ТУКА.

ФОТО: EPA PHOTO