Але го достигна Роналдо, Ајакс влезе во ептен одбрано друштво на великани (ФОТО)

Французинот Себастијан Але се израмни со најдобриот стрелец во историјата на Лигата на шампионите, Кристијано Роналдо и стана само вториот фудбалер кој успеал да даде гол во секој од шесте меча во групната фаза во мултимилионската елита.

Але, кој беше младински репрезенивец на Франција во генерацијата која остана зад Македонија во епскиот циклсу со историско деби на црвено-жолтите на Еуро 2017 во Полска, вечерва даде еден од четирите гола за Ајакс во шестата победа, со 4-2 против лисабонски Спортинг и дојде до неверојатни 11 гола после групната фаза.

Но, тоа што Але го направи досега му успеало само на Роналдо, на секој од шесте меча да даде барем по еден гол, а португалската ѕвезда ваквото остварување го имаше во сезоната 2017/18 во дресот на Реал Мадрид, неговата последна во „кралскиот клуб“.

Истовремено, шестата победа за Ајакс значеше и влез во одбраното друштво на великани на холандскиот гигант, како деветти клуб кој успеал една сезона во групите да ја заврши со максимален ефект од шест победи. Првпат во една сезона има два клуба, зашто покрај Ајакс, до ваков потфат дојде и Ливерпул, како прв англиски клуб кој со максимален ефект ги минал групите во ЛШ.