Вучиќ: Вкрстуваме со најлесната група, потоа ни доаѓаат Хрватите и - ете ја Србија во полуфинале!

Во Србија уште сега се потхранува возбудата за Светското фудбалско првенство во Катар, на кое нивната репрезентација ќе игра во група со Бразил, Швајцарија и со Камерун. За многумина тоа беше тешка ждрепка, но претседателот Александар Вучиќ ја гледа својата земја во полуфиналето.

На гостување во РТС, претседателот кажа дека чувствува доверба во фудбалерите исто како што верувал и дека ќе победат во Португалија, во квалификациите. Накратко објасни како тоа Србија ќе игра во полуфиналето во Катар.

„Ми се смееја сите кога влегов во авионот и им реков на момците да одат да ги победат Роналдо и останатите во Португалија. Мислам дека имаме одлична ждрепка, за разлика од другите кои сметаат е тешка. Колку што сфатив, после првата група вкрстуваме со најлесната, против оние кои веќе ги победувавме. Тоа се Портуалија и Уругвај Тоа значи ете нè меѓу осумте. Таму ќе победиме, а потоа ни следат Шпанците или Хрватите и ете нè во полуфиналето“, рече Вучиќ.

Ова ќе биде трето Светско првенство за Србија под тоа име (2010 и 2018), а на минатото, во Русија играше во многу слична група, со Бразил, Швајцарија и со Костарика. Меѓутоа тогаш не успеа да се пласира во елиминациите, па оттука желбата и проекциите за полуфинале четири години подоцна.