Во финалето на Копа Америка ќе биде прекршено едно од најстарите фудбалски правила

Финалето на 48. издание на Копа Америка помеѓу бранителот на трофејот Аргентина и Колумбија ќе се игра ноќта помеѓу недела и понеделник во два часот по средноевропско време.

Натпреварот ќе се игра на „Хард Рок“ стадионот во Мајами кој може да собере 65.300 гледачи. Аргентина предводена од Лионел Меси во полуфиналето ја совлада Канада со 2:0, додека Колумбија беше подобра од Уругвај со 1:0.

Ако Аргентина ја освои титулата ќе стигне до својата 16. титула, додека Колумбија игра за својата втора, првата ја освои во 2001 година.
На полувремето од овој натпревар е предвиден и настап на колумбиската пејачка Шакира, а со нејзиниот настап како што стојат работите ќе се прекрши едно од најстарите фудбалски правила.

Имено, познато е дека паузата помеѓу двете полувремиња трае 15 минути, но сега поради паузата за настапот полувремето би траело 25 минути. 

Правилото за полувремето е пропишано од ИФАБ (тело на ФИФА кое ги регулира фудбалските правила) и не може да се менува, па сега не е јасно дали организаторите се консултирале со ФИФА за ваквата одлука или пак самите одлучиле да го пролонгираат полувремето за нешто подолга забава со Шакира.