Уругвај го „забрани“ фудбалот поради тепачка на навивачи во која тешко настрада фудбалер!

Фудбалот во Уругвај е целосно запрен по сериозните инциденти што избувнаа по натпреварот од Втората лига меѓу Рентистас и Серито, по кои еден фудбалер се здобил со тешки повреди.

Здружението на професионални фудбалери на Уругвај соопшти дека донело одлука за „суспензија на сите натпреварувања во земјата“, без разлика на рангот, сè додека не се создадат услови што ќе гарантираат безбедност за сите учесници на спортските настани.

„Како последица на неприфатливите и за секоја осуда насилни настани по натпреварот Рентистас – Серито, кои доведоа до тешки повреди на еден наш колега, ги прекинуваме сите активности“, се наведува во соопштението на здружението.

Средбата заврши без голови, но беше исполнета со контроверзии. Најмногу реакции предизвика поништениот гол на домашниот тим, по што тензиите дополнително ескалирале и по последниот судиски свиреж прераснале во сериозни инциденти. По натпреварот, Рентистас најави дека ќе поднесе официјална пријава против главниот судија Бруно Сакарела и неговиот помошник Даниел Родригез. Од клубот тврдат дека судењето било пристрасно и дека одредени одлуки директно влијаеле врз конечниот исход, обвинувајќи ги арбитрите дека намерно го оштетиле нивниот тим.

Поради вонредната состојба, одложени се и сите натпревари од шестото коло на Торнео Интермедио кои требаше да се одиграат во недела. Новите термини за дуелите меѓу Централ Еспањол и Серо Ларго, Серо и Расинг, Монтевидео Сити Торке и Данубио, како и Дефенсор Спортинг и Ливерпул ќе бидат одредени дополнително. Одлуката за целосен прекин на фудбалските натпреварувања е исклучително ретка и покажува колку сериозно уругвајските власти и фудбалската заедница ги сфатија последните насилни случувања.