Трагедија: Поранешен фудбалер на ЦСКА Москва пронајден мртов – паднал од прозорец!

Поранешниот фудбалер на ЦСКА Москва и неколку ерменски клубови, Лионел Адамс, го загуби животот, откако паднал од прозорец на зграда во Звенигород, во Московската област и починал на самото место, пред пристигнувањето на Итната помош.

Тој во моментот на трагедијата бил на гости кај Тимур Магомедов, поранешен голман на Рубин Јалта. Двајцата, според информациите и претходно биле вмешани во сериозен инцидент во Звенигород на почетокот на декември, кога биле претепани, а Адамс дури бил и застрелан. Руската полиција разгледува две верзии за смртта на фудбалерот – убиство и самоубиство. Мајката на Адамс е убедена дека станува збор за убиство, додека неговите пријатели тврдат дека тој скокнал од прозорец поради невозвратена љубов.

Адамс е роден во Санкт Петербург во мешан брак. Неговиот татко, по потекло од Нигерија, го напуштил семејството кога Лионел имал само пет години. Руската мајка сама го одгледувала него и неговиот брат Лукман Адамс, а животот им бил исклучително тежок. До 15-годишна возраст Адамс настапувал за Зенит, по што се преселил во Локомотив Москва. Само една година подоцна бил ангажиран од ЦСКА Москва, а во 2011 година тогашниот тренер Леонид Слуцки го повикал на подготовки со првиот тим. Во тој период дебитирал и за младинската репрезентација на Русија до 18 години.

И покрај ветувачкиот старт, тој никогаш не стигна до врвно ниво. Во кариерата настапуваше за бројни клубови и ретко се задржуваше подолго од една сезона - Енисеј Краснојарск, КАМАЗ Набережни Челни, како и екипи од Казахстан, Белорусија, Ерменија, Црна Гора и Шпанија. Во 2025 година одигра само еден натпревар за Алга од Киргистан, а во моментот на смртта бил без договор и со статус на слободен агент.