Додека нашите ги губат без пари: Српски второлигаш продаде фудбалер за 600.000 евра!

Додека македонските клубови можат само да сонуваат за трансфери од ваков калибар, а гиганти како Вардар без пари го загуби најдобриот фудбалер, српски второлигаши поставуваат стандарди кои звучат како научна фантастика за нашите услови.

Станува збор за тимот на Вождовац, кој го продаде Адониџа Брајан Уанда во редовите на чешкиот шампион Славија Прага. Продажба од ваков калибар од вториот ранг е реткост, а дополнителна тежина ѝ дава фактот што за него сериозен интерес покажувала и Црвена ѕвезда, но се повлекла кога ја слушнала бараната цена. Во трката бил и американскиот МЛС клуб, Ванкувер Вајткепс, со оглед што Уанда има и канадски пасош иако е роден во Брегот на Слоновата коска.

„Многу работев на себе и му дадов сè на фудбалот. Наградата стигна и сум бескрајно благодарен. Сè ова за мене е огромно, навистина монументално“, изјави Уанда по потпишувањето на договорот.

Првично настапуваше за младинскиот тим на Вождовац, но по брзо препознаениот потенцијал беше прекомандуван во сениорскиот состав. Во Првата лига на Србија одигра 21 натпревар, постигна шест голови и запиша пет асистенции. Скаутинг-службата на Славија Прага реагираше експресно, ја прифати побараната сума и уплати 600.000 евра. Сепак, Уанда нема веднаш да дебитира за чешкиот гигант, туку следните шест месеци ќе ги помине на позајмица во Словачко, последнопласираниот тим во елитата на чешкиот фудбал. Со Славија потпиша договор до 2030 година.

„Ја искористивме одличната можност на пазарот. Долго го следевме играчот и забележавме сериозен напредок. Посебно ја цениме неговата брзина, продорност и зголемената продуктивност. Ова е долгорочен проект“, изјави спортскиот директор на Славија, Јакуб Мареш.

Со оваа продажба, Вождовац ги надмина претходните рекорди во српскиот второлигашки фудбал, кои ги држеа Јединство Уб и Графичар, чии фудбалери Виктор Дамјаниќ и Фалу Фол беа продадени за по 500.000 евра во Лувен односно Рен.