Светот згрозен од планот на Мароканците – ќе убијат 3 милиони кучиња пред Светското првенство во 2030

Првпат во историјата, Мароко ќе биде (ко)домаќин на едно Светско првенство во фудбал за што подготовките се веќе почнати, а плановите се мегаломански.

Меѓу другото, идејата е да се изгради еден од најголемите стадион во светот кој ќе го носи името Хасан Втори и ќе има капацитет од 115 илјади места. Тоа е убавата страна од Мундијалот, а лошата е во тоа што Мароко планира да убие околу 3 милиони кучиња, главно скитници кои лутаат низ улиците на големите градови. Не се работи за еутаназија, туку класично истребување на кучињата-скитници низ целата земја. Идејата дојде до една од најпознатите борци за правата на животните Џејн Гудал која се обрати до јавноста, но и до ФИФА барајќи да се спречи сето ова.

„Строго ве предупредувам дека убивањата треба да престанат. Постојат голем број хумани методи за контрола на популацијата на кучињата-скитници, како и голем број меѓународни организации кои со задоволство би помогнале во акцијата. Нема оправдување за ваква кампања, како ни за насилство во име на фудбалот“, порача Гудал.

Според информациите на разни организации, Мароканците веќе извесен период работат на својот план, главно со поставување отровна храна или масовно погубавање на кучињата.