Судија од натпреварот на Германија и Курасао може да биде избркан од Мундијалот! (ВИДЕО)

ФИФА отвори истрага против ВАР-судијата на натпреварот меѓу Германија и Курасао на Светското првенство, откако во телевизиски пренос во живо наводно покажал симбол кој се поврзува со расистички групи.

Пред почетокот на натпреварот, телевизиските камери традиционално ја прикажуваат ВАР-собата, каде што судиите неколку секунди позираат додека на екранот се појавуваат нивните имиња.

Во моментот кога камерата ја снимила внатрешноста на ВАР-центарот, Австралиецот Шон Еванс со десната рака прави превртен знак „ОК“. Иако овој гест најчесто се користи како знак на одобрување и е широко распространет и на социјалните мрежи, неговото покажување под половината во одредени контексти се поврзува со расизам.

Токму поради тоа, потегот на Еванс предизвика бројни реакции, а ФИФА веднаш отвори постапка за утврдување на околностите. Светската куќа на фудбалот има политика на нулта толеранција кон расизмот, па доколку се утврди дека 38-годишниот судија свесно го покажал спорниот симбол, би можел да биде отстранет од Светското првенство.