Необичен потег: Зошто јапонскиот селектор им покажуваше бројки на фудбалерите? (ВИДЕО)

Јапонската репрезентација повторно го привлече вниманието на светската фудбалска сцена, не само со настапот на теренот, туку и со својата препознатлива дисциплина надвор од него.

„Самураите“ одиграа одличен натпревар против фаворизираната Холандија и освоија бод по ремито 2-2, а по крајот на средбата уште еднаш покажаа зошто важат за пример кога станува збор за спортската култура, соблекувалните и трибините ги оставија беспрекорно чисти и тоа веќе стана вообичаено кога се тие во прашање.

Сепак, еден необичен потег на селекторот Хајиме Моријасу стана вистински хит меѓу навивачите. Во завршните минути од натпреварот тој кон теренот покажа голема бела табла на која беа испишани бројки.

Моријасу најпрво го покажа бројот пет, а потоа продолжи со четири, три, два и еден, практично одбројувајќи до последниот судиски свиреж. Неговиот потег брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции.

Иако фудбалерите во секој момент можат да го погледнат семафорот на стадионот за да видат колку време преостанува, јапонскиот стратег се одлучи на поинаков и несекојдневен начин да им ја пренесе таа информација на своите играчи.