Ниту еден натпревар на Мундијалот досега не почна навреме
Имено, ниту еден од првите осум натпревари на турнирот досега не почна во предвидениот термин, а просечното доцнење изнесува околу три минути.
Најголемото доцнење беше забележано на отворањето на шампионатот меѓу Мексико и Јужна Африка, кое почна шест минути подоцна од планираното. Натпреварот меѓу Катар и Швајцарија, пак, доцнеше речиси пет минути. Единствено дуелите Австралија - Турција и Јужна Кореја - Чешка започнаа речиси навреме, со задоцнување од само 40, односно 51 секунда.
Иако една или две минути можеби не изгледаат како голем проблем, за ФИФА ова сигурно ќе биде тема за анализа, со оглед на тоа што светската куќа на фудбалот прецизно го планира секој детал пред почетокот на натпреварите. За секој меч постои детален протокол во кој точно е наведено кога играчите и судиите треба да се соберат во тунелот, кога да излезат на теренот и кога да бидат интонирани националните химни.

Овие временски рамки се особено важни за телевизиските компании, особено за оние што емитуваат реклами, бидејќи мора да се осигураат дека нема да пропуштат ниту еден важен момент пред почетокот на натпреварот.
Како пример се наведува средбата меѓу Хаити и Шкотска. Според протоколот, двете репрезентации требало да излезат на теренот точно осум минути и 40 секунди пред почетниот свиреж. Но во тој момент фудбалерите на Хаити сè уште не биле подготвени, а телевизиските камери дури снимиле службено лице на ФИФА како ги забрзува.
Фото: Scotland National Team