Стана легенда без прсти на ногата: Најдобриот шутер во НФЛ почина од коронавирусот!

Пандемијата со коронавирусот изминатиов период носи голем број жртви од САД, меѓу кои е и легендата на НФЛ-лигата, Том Демпси, кој на 73-годишна возраст ја загуби битката со болеста Ковид-19.

Присуството на вирусот му беше дијагностициран на 25 март, а десетина дена подоцна беше објавено дека ја загубил битката. Информацијата до медиумите ја достави клубот Њу Орлеанс сеинтс во чиј дрес се прослави.

„Животот на Том е пример за големината на човековиот дух и за решителноста дека треба да се брка сонот без разлика на проблемите со кои се соочување“, пишува во соопштението на „сеинтс“.

Демпси е роден без прстите на десната нога, но тоа не го спречи повеќе од четири децении да биде сопственик на рекордот за постигнат „филд гол“ од најголема далечина. Далечната 1970 година погоди удар од 63 јарди, кој беше валиден рекорд сѐ до 2013 година, кога Мет Пратер погоди од 64 јарди.

Легендарниот шутер настапуваше со специјална копачка, кога се наоѓа во Куќата на славните во НФЛ. Демпси настапуваше уште и за Филаделфија иглс, ЛА Рамс, Хјустон ојлерс и Бафало билс.